Еколошка акција за чистење 

Општината Крива Паланка утре 14  декември  (сабота) ќе се вклучи во  големата еколошка акција за чистење на јавни површини која  ќе се спроведе на национално ниво.

Акцијата  има за цел  чистење на одредени јавни површини и подигање на еколошката свест и култура кај граѓаните за правилно и соодветно  одлагање на отпадот на определени места,  а со тоа и покажување на грижа за животната средина.

Носител на оваа еколошка акција  за чистење  ќе биде општинската администрација  предводена од градоначалникот Борјанчо Мицевски, додека логистичка подршка  ќе  обезбеди  општинското Јавно комунално претпријатие Комуналец.

Во акцијата ќе земаат учество јавните претпријатија од општината, подрачните единици на министерствата и одредени оддели на институциите во општината.

Приоритет за чистење на оваа акција ќе бидат  регулационите речни корита на Крива Река и Дурачка Река како и некои од регулационите долови.

Градоначалникот на Општината ги повикува  во акцијата да се вклучат  и граѓаните и граѓанските здруженија.

Акцијата ќе започне во 9 часот. Собирно место за учесниците ќе биде кај Јарболот со државното знаме кој се наоѓа помеѓу Градечки мост и Големиот мост во центарот на градот.

Со оваа акција  за чистење администрацијата ќе го одработи 2 јануари 2019 година кој беше неработен ден за администрацијата.