Известување за забранa за палење на оган на отворен простор

Се  известуваат граѓаните на општина Крива Паланка да не вршат палење на оган на отворен простор. Деновиве сме сведоци на зачестени пожари на отворен простор во нашата држава, кои во најголем дел се предизвикани од крајно невнимание  на несовесни граѓани со што се опожаруваат големи површини и воедно се причинува голема  материјална штета.

Согласно Законот за земјоделско земјиште, Законот за шумите, Законот за ловство, Законот за заштита и спасување, Законот за отпад, Законот за амбиентален воздух, Законот за заштита на животната средина и природата, Законот за облигационите односи и многу други закони и подзаконски акти, предвидени се одредби дека секој граѓанин е должен да се однесува соодветно во животната средина, да преземе мерки за заштита од пожари на земјоделското земјиште, на шумите, на ловиштата, да jа заштити животната средина и природата, како и да го заштити амбиенталниот воздух од загадување.

Согласно важечките закони за ваквите негативни појави  предвидени се големи казни. Глобата за предизвикување на пожар изнесува до 3000 евра во денарска противвредност, како  и покренување на постапка за сторено кривично дело.

Доколку било кој се однесува спротивно на наведените закони и намерно или од крајно невнимание предизвика пожар со што ќе причини штета на физички или правни лица, должен е покрај глобата што ќе ја плати во прекршочната постапка, да ја надомести и предизвиканата штета.

Според добиените информации од Територијалната противпожарена единица  во периодот од 21 февруари па се до 11 март имаат примено 15 дојави за  пожари  и тоа пожари на отворен простор. Опожарена е површина од 13 хектара.

ПОРАДИ ТОА СЕ АПЕЛИРА ДО ГРАЃАНИТЕ НА ОПШТИНА КРИВА ПАЛАНКА ДА НЕ ПАЛАТ ОГАН НА ОТВОРЕН ПРОСТОР, ДА НЕ ГИ ПАЛАТ СТРНИШТАТА, ДА НЕ ПАЛАТ ОГАН ВО ШУМИ, ЛОВИШТА И НА ДРУГИТЕ ПОВРШИНИ СО КОЕ БИ СЕ ПРЕДИЗВИКАЛА МАТЕРИЈАЛНА КАКО И НЕНАДОМЕСТИВА ШТЕТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА И ПРИРОДА.

НАЈСТРОГО  СЕ ЗАБРАНУВА   ПАЛЕЊЕ НА  ОТПАДОТ  СОБЕРЕН ОД ЧИСТЕЊЕ НА ЛИВАДИ И   ДВОРОВИ  КАКО И ПАЛЕЊЕ НА РАЗНОВИДЕН КОМУНАЛЕН  ОТПАД.

 

                                                                             Општина Крива Паланка