Регионална вежба „Трново2012“

Општинската организација на Црвен крст од Крива Паланка неодамна организираше тридневна Регионална теренска вежба „Трново 2012“, за подговтовка и надграба на капацитетите на тимот за одговор при катастрофи. Теренската вежба се одржа во село Трново, кај старото училиште, со симулација на замислено сценарио за згрижување на лица на кои им е потребна евакуација при опасност од шумски пожар.

Во обуката за камп менаџмент учествуваа вкупно 26 волонтери од општинските организации на ЦК од Крива Паланка и Куманово и од ЦК на град Скопје. Тие на теренот подигнаа базен камп со сета потребна инфраструктура, материјално-технички средства и човечки ресурси потребни за згрижување и помош на евакуираните лица.

По теоретската, волонтерите поминаа и теренска обука со цел да се зајакнат и зголемат капацитетите на тимот за одговор при катастрофи. Се правеа проценки и анализи, кои се всушност дата податоци што ќе служат при евентуални кризни состојби, истакнува Јане Денковски, претседател на кривопаланечката комисија за катастрофи.

Иако тридневната вежба беше само симулација според однапред осмислено сценарио, резултатите од проценките и анализите на теренот  се од огромно значење.

Вкупно 187 лица од 72 семејства од селата Трново и Добровница, од кои 14 се деца, 6 се неподвижни, а 4 се лица со посебни потреби, би требало да бидат евакуирани, да се згрижат и да им се пружи помош во случај на одредени кризни состојби. Ова се податоци за реалната состојба на теренот, а според тоа ќе знаеме и какви материјални, технички и човечки ресурси ни се потребни при итни интервенции, секако во координација со останатите надлежни институции. На пример, нема да има проблеми на кои наидовме оваа зима, кога ја носевме хуманитарната помош во завеаните села, а немавме доволно податоци за жителите, добитокот и најнеопходните потреби на населението, вели Стојан Мишев од Одделот за подготвеност и дејствување при катастрофи при ЦК на РМ, под чии инструкции и надзор се одвиваше вежбата.

На презентацијата на тридневната вежба присуствуваа и генералниот секретар на Црвениот крст на РМ, Саит Саити и секретарот на ЦК на град Скопје, Сузана Тунева Пауновска, кои обезбедија техничка и логистичка подршка за подигање на кампот и кои ја пофалија организационата способност и изведувањето на симулациската вежба. Како гости и директни соработници со вежбовниот процес беа запознаени и претставници од општина Крива Паланка, Центарот за управување со кризи, Дирекцијата за заштита и спасување, ТППЕ Крива Паланка, Здравствениот дом и други институции, кои имаат свои надлежности во услови на состојба на катастрофи од било каков вид.