По успешниот настап на Светското првенство во Дортмунд, Германија и одличниот скор од 10 победи во 13 меча нашиот пингпонгар Кристијан Станојковски е рангиран на првото место на балканската ранг листа на играчи до 18 години. Тој се најде пред играчи од Романија, Србија, Турција, Грција и другите балкански земји што досега претставува најголем успех на некој пингпонгар од Македонија.
Ваквиот ранг носи голема предност на наредните турнири и првенства, бидејќи Кристијан ќе биде прв носител и со најсилните противници се среќава дури во финалните мечеви. Кристијан е носител и на два бронзени медали во двојки и екипно од претходните балкански првенства.
Во наредниот период следува Балканското и Европското првенство за младинци, така што неопходно е да се обезбедат услови за квалитетни подготовки во некој од европските центри на пинг-понгот за да може во целост да се изрази потенцијалот на овој млад играч и тој да постигне уште поголеми резултати.