Иницијатива за воспоставување на меѓурегионално интегрирано управување со отпадот

Градоначалниот на Општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски, кој воедно е и претседател на Одборот за управување со отпад во СИПР,  денес беше домаќин на работниот состанок на регионалните тела за  управување со отпад од Источниот и Североисточниот плански регион.

Состанокот се оддржа  во манастирскиот комплекс на „Св. Јоаким Осоговски“,  на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање, на кој присуствуваа и градоначалниците на општините од двата региона.

Темата за која се дискутираше на состанокот, беше иницијативата за подготовка на правната рамка за формирање на меѓурегионално претпијатие за управување со отпад на овие два региона, како и прашања поврзани околу управувањето, постигнување согласност, утврдување на непосредните чекори за  ставање во функција на регионалните тела за управување со отпад.

Градоначалникот и претседател на одборот за управување со отпад во СИПР, Борјанчо Мицевски даде свои согледувања и предлози за превземање на првични чекори во постапката и процесот на формирање на заедничкото претпијатие. Конкретните предлози од страна на Мицевски беа првично делегирање на стручни лица од секоја општина поединечно за оформување на меѓуопштинска работна група, која треба да ја подготви правната рамка, формата, актите и моделот на формирање на меѓурегионалното претпијатие за управување со отпад.

Во рамки на состанокот беше истакната потребата од зголемена соработка помеѓу градоначалниците, регионалните тела за управување со отпад, ресорното министерство (МЖСП) и  усогласувањето со законите кои го третираат овој проблем од различни аспекти, во насока на остварување на поставените цели за воспоставување на интегриран и ефикасен  систем за управување со отпадот, а се со цел да се овозможи минимизирање на негативните влијанија на создавањето и управувањето со отпадот, врз човековото здравје и животната средина.

 На работниот состанок се дефинираше и временската рамка за изготвување на потребните нацрт документи од страна на членовите на меѓурегионалната работната група, како и роковите за донесување на потребните одлуки, кои се во надлежност на општинските Совети, како една од првите фази со цел оптимално извршување на договорените задачи во овој интегриран принцип на организациски активности.