Гасификација со приватно партнерство

Општина Kрива Паланка бара инвеститори за реализација на проектот за гасификација на градот, за кој веќе е подготвена потребната проектна документација. Гасоводната мрежа ќе се гради со јавно-приватно партнерство, за што веќе е донесена одлука на седница на Советот на Општината за започнување на постапката. Но пред да биде распишан јавниот повик, локалната самоуправа ги повикува заинтересираните приватни инвеститори за да се одреди најсоодветниот начин и да се прецизираат условите за реализација на проектот.

– На овој начин сакаме да го видиме интересот кај приватните партнери, односно под кои услови тие би инвестирале во гасификацијата и кои се најповолните критериуми што ќе ги задоволат и двете страни. Ова ни е потребно за да можеме да го дефинираме и да го објавиме јавниот повик што поскоро, а потоа и да се склучи договор со заинтересираниот инвеститор – вели градоначалникот Арсенчо Алексовски.

Општината, како јавен партнер во овој проект, ќе се вклучи со веќе обезбедената планска документација.

– Веќе имаме изработено изведбен проект и студија за гасификација, што значи дека сме подготвени да започнеме со изградбата на гасоводниот систем. Воедно, на наш товар ќе бидат и комуналиите за трасата, што се заедно би било вградено во самата инвестиција како наш влог- вели Алексовски.

Според процените, за примарната гасоводна мрежа потребна е инвестиција од 400 до 500 илјади евра. Тоа вклучува изградба на главниот цевковод во должина од 6 км, од селото Kонопница до гимназијата „Ѓорче Петров“ и Домот за ученици „Боро Менков“, со поврзување на потрошувачите на главниот гасоводен вод. Во првата фаза, пак, на гасот би се приклучиле јавните и општински институции, заинтересираните индустриски капацитети, а понатаму и индивидуалните потрошувачи.

Општината очекува повеќе бенефити од користењето на гасот, а смета дека гасификацијата ќе придонесе и за заживување и за подобрување на локалната економија.

– Со обезбедувањето приклучок и користењето на овој енергент очекуваме зголемена конкурентност на економски план, привлекување нови бизниси и инвестициони проекти во општината, а со тоа и отворање нови работни места. Од еколошки аспект, пак, ќе ја намалиме емисијата на стакленички гасови, како и трошоците за затоплување за околу 50 отсто, а се  заедно ќе придонесе за подобар квалитет на живот на граѓаните – истакнува Алексовски.

Извор: Дневник

Големина на фонт
Контраст