Невладиниот сектор и институциите активно ќе се вклучат во претстојната еколошка акција: Распоред на локации за собирање на отпад

Граѓанските здруженија од Крива Паланка и институциите на 9 Мај (недела)  – Ден на Европската Унија,   активно  ќе ја поддржат големата еколошка  акција „Генералка викенд“  и кампањата на ЕУ „Чисто како дома исто“, со  вклучување на свои групи во собирањето на  отпад од зелените површини и негово селектирање и предавање на определени места односно пунктови.

  • Групи на граѓанското здружение „Осоговски акцијаши“ ќе извршат собирање на отпадот кај „Езерце“  на локалитетот „Калин Камен“;
  • Планинарското друштво „Руен“ и „Распеани паланчани“ ќе извршат собирање на отпадот во околината  на „Ловечка куќа“ и покрај пат до видиковец на локалитет „Љуљки“;
  • Тимови на извидничкиот одред „Наум Наумовски Борче“ ќе изврши собирање на отпадот во  „Манастирски овоштарник“ и покрај патот  од манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ до пред Горно Варовиште-Средно Варовиште;
  • Во излетничкото место во село Градец,  кај  испосницата на Свети Јоаким Осоговски, собирање на отпадот ќе изврши граѓанското здружение „Спасител“;
  • Кај школото и црквата „Свети Никола“  во село Градец ќе се вклучат во акцијата вработените од Градскиот музеј од Крива Паланка;
  • На  излетничкото место „Трновски ветар“ и околина на црква „Св. Никола“ во село Трново,  собирање на отпад ќе спроведат членови на „Сојузот на воени инвалиди“ – со седиште во Скопје;
  • Во акцијата ќе се вклучи и група од вработени од Европската куќа  во Крива Паланка на локација во речното корито на Крива Река, од Осички мост до спортско рекреативниот центар;
  • Здружението „Норгес Вел“ е на локалитетот „Златина падина“;
  • Кошаркарски клуб „Крива Паланка“ ќе се вклучи во расчистување на спортско-рекреативниот комплекс.

Во акцијата  ќе се вклучат со свои активности и еко одборите на општинските основни училишта  Илинден и  Јоаким Крчовски како и на средното општинско училиште Ѓорче Петров.

Вработените во Општина Крива Паланка распоредени во помали групи ќе се вклучат на повеќе локации согласно распоредот.

Голема  логистичка подршка на оваа акција ќе пружи и јавното претпријатие Комуналец од Крива Паланка  со свои работни тимови, возила, садови за отпад и возила за превземање и превоз на отпадот до соодветни места.

Граѓаните можат да се вклучат во акцијата на два начина преку собирање на отпад на зелените површина во околина на своите домови или со предавање на непотребен и неупотреблив отпад од своите домови (стаклени шишиња, тегли, пластични шишиња, лименки, електронски отпад, неупотребливи апарати, неупотребливи автомобилски гуми, хартија и слично) на следниве локации и тоа:

– Паркинг пред колективната станбена зграда (кај пекља) спроти КАМ маркет
– Паркинг пред бензинската пумпа кај „Бегови Бавчи“
– Паркинг кај автобуската станица и влез на „Сточен пазар“ и
– Паркинг спроти „Тораничка зграда“ во „Осичка маала“

Сите други заинтересирани здруженија, невладини организации, институции  и правни лица кои се заинтересирани за вклучување во оваа еколошка акција  можат да се пријават  кај координаторот на акцијата на контакт  бројот  075 236  557.

Големина на фонт
Контраст