Граѓаните го изгласаа локалниот економски развој за тема на Форумот на заедницата

Со првата форумска сесија, која се одржа на 20 септември, во хотел „Турист“, отпочна реализацијата на проектот „Форум на заедницата“, подржан од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), преку имплементирачката организација Македонски центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Свеченото отпочнување на форумскиот процес, пред големиот број заинтересирани граѓани, го поздравија Миодраг Колиќ, претставник на Швајцарската агенција за развој и соработка, извршниот директор на МЦМС, Димче Митрески и Милка Митовска, претседател на Советот на општина Крива Паланка. Значењето и целите на „Форумот на заедницата“ ги претстави модераторот од МЦМС, Гонце Јаковлеска, која истакна дека овој модел на граѓанско учество овозможува  граѓаните да бидат клучни актери во донесувањето на одлуки на локално ниво и да се практикува отчетно и транспарентно управување од страна на локалната самоуправа, што гради широка доверба во заедницата.

На првата форумска сесија граѓаните имаа можност да бираат една од  трите предложени теми од страна на општината- Локалниот економски развој, Образованието, спортот и животот на младите и Развојот на туризмот и културата. Учесниците за проектниот форум ја одбраа темата за локален економски развој за која понатаму ќе  предлагаат идеи и решенија и ќе се изготвуваат проекти, кои ќе се финансираат и реализираат од проектниот буџет.

Проектниот фонд изнесува 2,8 милиони денари, обезбедени со поддеднакво учество од донаторот-Швајцарската агенција за развој и соработка и со сопствени средства на општина Крива Паланка.

Според конципираниот модел, граѓаните преку 9 работни маси на кои се застапени  најразлични области и засегнати страни, сами ќе ги одредат приоритетните проблеми од локалниот економски развој и ќе предложат решенија за истите, кои треба да бидат реализирани од страна на општината.

Форумскиот процес предвидува  вкупно 5 форумски сесии во периодот од месец септември до декември, по што ќе се пристапи кон конкретна реализација на одбраните проекти.

Преку Форумот на заедницата граѓаните активно ќе се вклучат во процесите на одлучување во локалната заедница, а донесените одлуки со консензус од нивна страна  ќе претставуваат највисоко прифатливо решение, од општ интерес, за подобрување на животот во општината.

Големина на фонт
Контраст