К. Паланка и Босилеград притискаат за нови премини

Крива Паланка и Босилеград се залагаат за што поскоро отворање на новите гранични премини на македонско-српската граница. Општините бараат работите да бидат забрзани и на државно ниво и конечно да биде потпишан протоколот за завршување на административните активности, со кои ќе се овозможи функционирање на премините на кои жителите од овој пограничен регион чекаат со години.

– Покрената е иницијатива српската општина Босилеград да ги реновира граничните објекти во кои ќе бидат сместени заедничките полициски и царински служби. И од страна на Крива Паланка се прават напори за обезбедување на потребните услови за отворање на премините и инвестирање во доизградбата на патната инфраструктура. Новите премини се неопходни за овозможување на комуникацијата на населението, но и за заедничкиот економски развој на овој пограничен регион – вели градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.

Иако пред една година беа утврдени нулта точките за новите премини Голема Црцорија – Голеш и Огут – Трговиште, а меѓудржавниот протокол требаше да биде потпишан во јуни лани за да се интензивираат конкретните активности на теренот, досега ништо не е направено. На жителите им беше ветено дека до отворање на премините ќе може границата да ја минуваат со пропусници, но тие досега повеќепати реагираа што ништо не е преземено, поради што и понатаму се отсечени од своите семејства и од имотите.

Извор: Дневник

Големина на фонт
Контраст