Крива Паланка меѓу првите шест општини што ќе изработуваат Стратегија за млади според принципите на Агендата за млади, мир и безбедност

Општина Крива Паланка започнува процес за изработка на нова Локална стратегија за млади за периодот 2027–2030 година, во рамки на проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“, кој се спроведува со поддршка на Фондот за градење мир на Обединетите нации, преку Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) и во соработка со Младинскиот образовен форум (МОФ).

Крива Паланка е една од првите шест општини во државата вклучени во овој процес, со цел да се создаде стратешки документ што ќе одговори на потребите и приоритетите на младите и ќе го унапреди нивното активно учество во локалното одлучување. Новата Стратегија ќе се заснова на принципите на Агендата за млади, мир и безбедност (Youth, Peace and Security – YPS), која ја нагласува улогата на младите како активни чинители во градењето мир, доверба, општествена кохезија и инклузивни заедници.

Во согласност со Агендата за млади, мир и безбедност, во процесот ќе биде вклучена и родовата перспектива, преку еднаквите можности, инклузијата и употребата на родово сензитивен јазик, со цел да се препознаат различните потреби и можности на младите жени и мажи, како и на младите од различни социјални групи и средини.

Процесот ќе се реализира преку блиска соработка помеѓу службеникот за млади, Одделението за локален економски развој и евроинтеграции и координаторката за еднакви можности на Општина Крива Паланка. Ова заедичко партнерство ќе обезбеди родовата перспектива целосно да биде препознаена во идните приоритети, мерки и во следењето на нивната реализација. На овој начин, фокусот на новата Стратегија останува цврсто насочен кон младите и кон клучните принципи на YPS агендата (Млади, мир и безбедност)

Во наредниот период ќе бидат организирани работилници со младите од Крива Паланка, со цел да се слушне нивниот глас и самите млади да ги идентификуваат приоритетите што ќе бидат основа за Стратегијата.

Изработката на новата Локална стратегија за млади претставува можност за воспоставување појасна и долгорочна рамка за развој на младинските политики во Крива Паланка, заснована на реалните потреби на младите, нивното активно учество и партнерството меѓу младите, локалната самоуправа и другите релевантни чинители.

Со овој процес, Општина Крива Паланка ја потврдува определбата за унапредување на младинското учество, еднаквите можности и создавање локална средина во која секој млад човек ќе има можност да придонесува во одлуките што го засегаат неговиот живот и иднина.