Со полагање цвеќе пред спомен-бистата на паднатите борци од Народноослободителната борба, пред зградата на Општина Крива Паланка, беа одбележани 82 години од ослободувањето на градот.
Цвеќе положија делегација на Општина Крива Паланка, предводена од градоначалникот Сашко Митовски, делегација на Советот на Општина Крива Паланка, како и претставници на советничките групи на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.
Почит кон борците кои ги положиле своите животи за слободата оддадоа и претставници на Сојузот на борци од НОВ – Крива Паланка, здруженијата на пензионери, делегација на ОВР Крива Паланка, ПС од општа надлежност Крива Паланка и ПС за гранични проверки и граничен надзор „Деве Баир“, претставници на Царинска Испостава Деве Баир, како и претставници на други државни и локални институции, јавни претпријатија и здруженија на граѓани и претставници на младинскиот совет.
На одбележувањето присуствуваше и делегација на СДСМ и пратеници, предводена од претседателот на партијата, Венко Филипче.
Свеченоста ја збогатија и делегациите од збратимените и партнерски општини од земјата и странство – Вршац, Бор, Трговиште, Босилеград и Врање од Србија, Лугож од Романија, Млава од Полска, Свидник од Словачка, Перечин од Украина, Жупања од Хрватска, Сребреник од Босна и Херцеговина и Тургутлу од Република Турција.
Одбележувањето на Денот на градот продолжи со свечена академија во Националната установа „Центар за култура“ – Крива Паланка, на која беа доделени традиционалните Осмооктомвриски признанија и награди.
Со чествувањето на 8 Октомври, Крива Паланка ја одбележува својата слобода и историското наследство, но и ја потврдува врската меѓу минатото, сегашноста и иднината на градот.




