Во деновите исполнети со песна, игра, традиција и културна разноликост, Крива Паланка ги отвори вратите за гостите од различни делови на светот, а претставниците на фолклорните ансамбли и друштва, учесници на XXI Меѓународен фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“, беа гости на градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.
Во општинската сала беше организиран пригоден прием за фестивалските делегации, како израз на добредојде и почит кон учесниците кои со својата уметност, традиција и културно наследство се дел од фестивалските денови во Крива Паланка, токму во периодот кога градот и општината ги одбележуваат празничните денови посветени на заштитникот и патронот – Свети Јоаким Осоговски.
Посакувајќи им пријатен престој и незаборавни моменти во градот, градоначалникот Митовски истакна дека ваквите средби се многу повеќе од фестивалски настапи – тие се можност за запознавање, размена на искуства и градење нови пријателства.
„Чест ми е што сте денес мои гости и, доколку би имал можност, би сакал секој ден да се дружиме, да разменуваме искуства и да ги надградуваме пријателствата. Особена чест е да се има можност преку вакви средби да се прикаже посебноста на различните култури, битот на државите и нивните традиции“, истакна Митовски.
Тој посочи дека токму фолклорот на најубав начин ја покажува разновидноста на светот, но и она што ги поврзува луѓето – љубовта кон традицијата, музиката, играта и културното наследство.
„Гордост и убавина е да се види сето она што учесниците, како разноликост на фолклорот во државите што ги претставуваат, го поседуваат“, додаде градоначалникот.
Во духот на пријателството и меѓусебното почитување, на приемот беа разменети пригодни подароци, како симболичен спомен од заедничката фестивалска средба.
Фестивалските делегации упатија благодарност за гостопримството и топлиот прием, истакнувајќи ја убавината на престојот во Крива Паланка и срдечноста со која се пречекани, како од организаторите, така и од граѓаните.
Со секоја песна и секој чекор на фестивалската сцена, Крива Паланка овие денови ја потврдува моќта на културата да ги поврзува луѓето – различни по јазик и традиција, но блиски по љубовта кон фолклорот и заедничката желба за пријателство и почит.




