КРИВА ПАЛАНКА ИГРА ВО РИТАМОТ НА СВЕТОТ – ОТВОРЕН XXI МЕЃУНАРОДЕН ФОЛКЛОРЕН ФЕСТИВАЛ „СВ. ЈОАКИМ ОСОГОВСКИ“

Со песна, оро, традиционални носии и колоритно дефиле низ градските улици, Крива Паланка синоќа ја отвори тридневната фестивалската приказна на XXI Меѓународен фолклорен фестивал „Св. Јоаким Осоговски“ – манифестација која повеќе од две децении ги поврзува луѓето и културите преку универзалниот јазик на фолклорот.

Во фестивалското дефиле, кое ја исполни главната градска улица и плоштадот, со боите и звуците на различни традиции, учествуваа повеќе од десет фолклорни ансамбли од земјава и од странство. Гости од Полска, Холандија, Црна Гора, Турција, Словачка, Хрватска, Србија и Украина, заедно со домашните ансамбли, пред публиката ги претставија богатството и убавината на своето културно наследство.

Различни носии, различни јазици и различни културни традиции, но една заедничка љубов – кон песната, орото, наследството и пријателството што не познава граници.

Фестивалот свечено го отвори градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, кој им посака топло добредојде на сите учесници и гости, посочувајќи ја важноста на фестивалот како место за културна размена, дружење и создавање нови пријателства меѓу народите.

Горд сум што Крива Паланка е домаќин на 21. издание на оваа прекрасна меѓународна фолклорна приказна, која повеќе од две децении ги спојува традициите, културите и луѓето. Добредојдовте во нашата најубава Крива Паланка“, порача градоначалникот Митовски.

Со свеченото дефиле и отворањето на фестивалската програма, градот уште еднаш покажа дека традицијата има моќ да ги надмине границите и да ги обедини различностите.

Синоќа, Крива Паланка не беше само домаќин на фестивалот – таа беше голема сцена на која заедно заиграа различни култури, народи и традиции, во духот на пријателството, почитта и заедништвото.

XXI „Св. Јоаким Осоговски“ продолжува да ја пишува својата приказна – со песна и оро, со нови средби и нови пријателства, претворајќи ја Крива Паланка во место каде што традициите од целиот свет се среќаваат и живеат заедно.