СО ДЕТСКА РАДОСТ, ЗАЕДНИЧКА ИГРА И МНОГУ ЗАБАВА ЗАВРШИ ПЕТТОТО ИЗДАНИЕ НА „ФУДБАЛ ЗА СИТЕ“

Со заедничка игра на теренот, многу детски насмевки, омилените маскоти и одлична забава, денес на Градскиот стадион во Крива Паланка беше заокружено петтото издание на спортско-рекреативната манифестација „Фудбал за сите“.

Последниот ден помина во вистински празник на спортот и детската радост. Учесниците уште еднаш излегоа на теренот, но овојпат во атмосфера во која резултатот беше во втор план, а најважни беа заедничката игра, дружењето и забавата. Посебно изненадување за дечињата беа маскотите, кои внесоа дополнителна ведрина и го претворија завршниот ден во незаборавно дружење исполнето со смеа и позитивна енергија.

Во текот на петте дена, повеќе од 200 дечиња имаа можност да бидат дел од една голема спортска приказна. Преку фудбалот тие учеа за тимската игра, фер-плејот, меѓусебната поддршка и почитувањето, стекнуваа здрави навики, создаваа нови пријателства и, пред сè, уживаа во радоста што ја носат спортот и заедништвото.

Градскиот стадион во изминатите денови беше исполнет со детски џагор, навивање, голови, смеа и искрена спортска возбуда. Токму таа слика полн терен со среќни и насмеани деца е најголемата вредност на манифестацијата и најдобрата потврда за нејзиното значење.

„Нема поубава слика од среќни и насмеани деца. Во изминатите денови нашиот стадион беше место на спорт, другарство и прекрасна детска енергија. ‘Фудбал за сите’ уште еднаш покажа дека спортот е многу повеќе од натпревар, тој обединува, создава пријателства и учи на вистински вредности. На сите дечиња им благодарам за прекрасната енергија што ја донесоа на теренот. Денес немаме победници и поразени, денес победи детската радост“, истакна градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Со завршувањето на петтото издание остануваат многу убави спомени, нови пријателства и уште една потврда дека вложувањето во спортот и создавањето содржини за најмладите е вложување во здрава, активна и среќна иднина.

Пет дена фудбал, игра и другарство. Над 200 детски насмевки. Една заедничка победа, детската радост.

До следното издание на „Фудбал за сите“!