КРИВА ПАЛАНКА БЛЕСНА ВО СВОЈОТ ВИСТИНСКИ ПРАЗНИЧЕН СЈАЈ – ГРАДОТ ПОВТОРНО ОЖИВЕА ВО ЗИМСКА БАЈКА

Предновогодишната магија повторно го прегрнува нашиот град. Крива Паланка заблеска во својот препознатлив и автентичен сјај, претворајќи ги улиците, плоштадите и секој скриен агол во дел од вистинска зимска приказна.
Илјадници светилки трепкаат и нè потсетуваат дека чудата и магијата навистина постојат, особено во денови исполнети со радост, топлина и заедништво.

Празничната атмосфера е посилна од било кога. Градот дише со нова празнична енергија, а украсувањето и внимателно осмислените светлосни декорации ја направија Крива Паланка место што повторно го привлече вниманието на медиумската јавност.
Не изостануваат ниту бројните позитивни коментари и восхитени реакции од нашите сограѓани, кои секоја година со радост ја дочекуваат оваа зимска бајка.

„Традиционално, како во претходниот мандат, така и во овој, со посебно внимание и љубов се посветуваме на украсувањето на градот, на празничната радост кај дечињата и кај сите наши сограѓани. Малите, навидум едноставни нешта се од огромно значење. Празничната радост и претпразничната еуфорија веќе се чувствуваат во Крива Паланка. Ова го правиме за нашите сограѓани, за сите деца и за добронамерните посетители на нашиот град.“- изјави градоначалникот Сашко Митовски.

Кога светилките го разлеваат својот сјај низ улиците и плоштадите, градот станува едно срце, а сите ние дел од голема, заедничка празнична приказна. Приказна која нè зближува, нè прегрнува и нè потсетува дека најголемите богатства не се во украсите, туку во луѓето: во нивните насмевки, во искрените поздрави, во малите моменти на човечка топлина.

Крива Паланка убава, блескава и празнична.

Нека волшебството на празниците донесе радост, светлина и љубов во секој дом.

Големина на фонт
Контраст