Со свечена програма под мотото „Убав и весел е детскиот свет” што се одржа во Националната установа Центар за култура Крива Паланка, синоќа беше одбележан патрониот празник на општинската јавна установа – детска градинка „Детелинка”.
Пред преполната сала родители, членови на семејствата на дечињата и целокупната јавност во градот, настапија дечињата од групите во градинка и забавиште од трите објекти на градинката: „Пролетна роса“, „Виножито” и „Поточиња”.
Не постои човек кој не сака да се наврати на најубавите години од животот, на детството, а токму низ ваквите настани во кои дечињата се главни учесници, настани што шират позитивна енергија, насмевки, радост, убави мигови, детска искреност, веселба и расположение , се пренесува радоста на животот.
На настанот присуствуваше и градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, кој го честиташе патрон празникот и ги уважи дечињата кои под менторство на нивните воспитувачи приредија незаборавна свеченост исполнета со песна, игра, насмевки и радост.
Нивниот настап беше вистинско огледало на светот во кој љубовта, другарството и среќата се најважни.
Благодарение на целокупниот кадар вработен во “Детелинка” , како и на трпеливоста на родителите и заедничките напори за правилно воспитување, раст и развој на дечињата, оваа институција бележи позитивно и успешно работење, а приредбата е само еден начин да се презентира работата на установата.
Упатуваме честитки до сите дечиња, воспитувачи и родители кои придонесоа оваа магија да стане реалност.