Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денес оствари работна посета на Општина Крива Паланка во рамки на кампањата „Кадешто срцето е дома“ при што оствари средби со градоначалникот, Сашко Митовски, админиситрацијата и советниците, а извршија и увид во градежните работи од проектот „Паркови“ што се имплементира во рамки на ИПА програмата за прекугранична соработка, кои значајно придонесуваат за развојот на локалните заедници во повеќе области.
Во рамките на овие програми, во тек е успешната реализација на проектот „Паркови“, со соседна Бугарија, кој има за цел подобрување на урбаниот биодиверзитет и квалитетот на живот во Крива Паланка и бугарската општина Дупница, преку креирање и промоција на еко-пријателски зелени паркови и површини.
Министерот Перински и градоначалникот Митовски, оценија дека проектот се реализира со предвидената динамика, при што ја истакнаа важноста на регионалната соработка преку ИПА програмите, кои имаат директен позитивен ефект на животните услови на граѓаните и за развојот на поодржливи и еколошки свесни заедници.
Концептот на „зелена инфраструктура“ е релативно нов и затоа посветуваме особено внимание на неговото промовирање и вложуваме во решенија кои подоцна може да се реплицираат“, посочи Перински,
Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, рече дека Крива Паланка е една од лидер-општините во искористување на Европските фондови и успешен пример за реализација на прекугранични пректи од ИПА програмата.
– Потврда за тоа е фактот што годинава реализираме три проекти со европско знаменце, со кои во општината се инвестираат близу 1 милион евра. Со проектот „Паркови“, во општината се инвестираат 388.000 ерва, а општината добива нов урбан зелен парк на површина од 1800 метри квадратни со хорикултурни содржини. Меѓу првите општини смe што работат на зелен катастар во рамки на проектот, поставен е сензор за мерење квалитет на воздух. Овој е еден од двата проекти што ги работиме со Р Бугарија, вториот е за изградба на адреналински парк на Калин Камен, прв адренаински парк во Севериоисточниот регион, вреден 280.000 евра. Овој проект ќе донесе нов, атрактивен туристички продукт за развој на туризмот, а третиот проект е на Градски музеј, за доуредување на културно-историски локалитет Градец, во дворот на училиштето, во вредност од 200.000 евра. 2024 ја завршивме со успешно реализиран проект со Србија, проектот „Земја на легендите“ каде се уредени 11.000 м2 површина, инвестирани се 200.000 евра. Во фаза на очекување на резултати сме за уште 2 ИПА проекти, така што, сето ова е доказ и потврда дека општината има извонреден капацитет за спроведување ЕУ проекти, што не прави препознатливи, рече Митовски.
Според него, општината инвестира во патна и комунална инфраструктура, работи интензивно на подобрување на развој на туристичката понуда со унапредување и на културно-историски капацитети, како и останати области во прилог на локалниот економски развој и промоција на општината.
Министерот ја нагласи и поддршката на Владата за реализација на инфраструктурни проекти кои ќе ја подобрат инфраструктурата во општините, а како пример за тоа, беше спомнат проектот за поставување монтажна катна гаража во Крива Паланка, која ќе го реши проблемот со паркирањето во централното градско подрачје. На вториот владин повик, Општина Крива Паланка поднесе пет апликации во насока на подобрување на инфраструктурата.
Министерот Перински истакна дека Владата продолжува со поддршката на сите општини со цел подобрување на инфраструктурата што ќе создаде услови за подобар квалитет на живот за сите граѓани и развој на локалните заедници.