Во радосна атмосфера, со забава и прослава денес во гимназијата „Ѓорче Петров“ од Крива Паланка беше одбележано матурирањето на средношколците од генерацијата 2021-2025, вкупно 140 матуранти од гиманзиско и стручно образование.
Во организација на училиштето и Општина Крива Паланка, во училишниот двор се одржа мала свеченост, со торта од градоначалникот и поздравни говори на директорката и првиот човек на општината, посветени на денот на завршување на средното образование.
– Денешниот ден е ден полн со емоции и радост, споделена со матурантите од нашата гимназија. Ги испративме гордо, со љубов и верба во нивната иднина, затоа што пред нас стои генерација со талент, сила, одлучност и зрелост. Генерација, идни градители на општеството. Влогот во младите е влог во сигурна перспектива на општината и државата. Како дел од мерката за поддршка на младите, воведена пред три години, оваа, веќе трета генерација, доби еднократната парична помош во висина од 3.000 денари директно од буџетот на Општина Крива Паланка, како скромен придонес во пресрет на матурската прослава. Младите се нашиот најважен капитал. Тие се иднината што ја градиме денес, со вложување, охрабрување и почитување, рече Сашко Митовски, градоначалник на Општина Крива Паланка, посакувајќи им среќна матура, со порака дека нивните успеси се заедничка гордост на општината, родителите и професорите.
По прославата во училиштето, матурантите во дефиле минаа низ главната улица на градот, а забавата во организација на општината продолжи на градскиот плоштад.