Раководителката на секторот за урбанизам, сообраќај, заштита на животна средина и комунална инфраструктура, Маја Костадиновска денес во Општина Крива Паланка оддржа прес – конференција на која ги презентираше сите технички, проектни и административни аспекти поврзани со реконструкцијата на ул. „Св. Јоаким Осоговски“. Во духот на транспарентност и отчетност, на пресот детално беше објаснета моменталната состојба, причините за застојот во реализацијата, како и понатамошните чекори.
Преку визуелна презентација со 3Д модели, беше истакнато дека проектот предвидуваше проширување со трета лента, изградба на нови паркинг-места, кружен тек, ново осветлување и целосна сообраќајна безбедност – особено за учениците и пешаците. Проектот е изработен по највисоки стандарди, со поддршка и надзор од Светска банка, и во него се вложени повеќе од две години активна работа.
На пресот беше потенцирано, дека застојот во реализацијата не произлегува од технички или административни недостатоци, туку исклучиво од надворешни опструкции и континуирани претставки поднесувани од ограничен број поединци, и покрај тоа што:
- Одржани се четири јавни презентации,
- Проектот е изменет двапати на барање на граѓаните,
- Изработено е, адаптирано техничко решение кое ги вклучува сите забелешки.
Општината апелира до сите засегнати страни да се однесуваат одговорно и конструктивно, со оглед на фактот дека станува збор за проект од суштинско значење за безбедноста, функционалноста и урбаниот развој на Крива Паланка.
„Ова не е партиски или личен проект – туку капитален за нашите граѓани и идни генерации. Нашата обврска е да обезбедиме модерна и безбедна инфраструктура, и нема да дозволиме јавниот интерес да биде заложник на политички блокади“, беше истакнато на прес-конференцијата од страна на раководитеката Маја Костадиновска.
Општина Крива Паланка останува посветена на јавната одговорност и продолжува со активности за реализација на проектот во најдобар интерес на граѓаните.