На денешната прес-конференција, градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, упати јавно и искрено обраќање до граѓаните, преземајќи целосна одговорност за моменталната состојба со реконструкцијата на главната улица „Св. Јоаким Осоговски“.
Градоначалникот потенцираше дека застојот не е резултат на технички или административни слабости, туку е последица на надворешни опструкции кои го попречија спроведувањето на проектот според предвидената динамика.
„Проектот беше изработен со визија и висок професионален стандард, поддржан од Светска банка. Но, и покрај обезбедените средства, истиот беше блокиран поради политички притисоци и претставки – надворешни опструкции што ја нарушија реализацијата“, изјави Митовски.
И покрај тоа, тој најави дека улицата ќе биде довршена со прилагоден проект кој ќе обезбеди безбедна, функционална и квалитетна инфраструктура, важна за секојдневниот живот на граѓаните.
“Јас сум дел од новата генерација политичари. Луѓе што не мислат само на следните избори, туку на следните генерации. Луѓе што веруваат во чесност, во чиста политика, во исправни дела. Луѓе што не се плашат да речат: Се згреши. Ќе се поправи. И ако треба – ќе ја платам цената. Не затоа што морам. Туку затоа што така треба.
Затоа што најскапата валута во политиката не се гласовите – туку довербата. А довербата се гради со искреност. И се чува со одговорност. Јас нема да се бранам. Ќе се борам.
Оваа улица ќе ја довршиме. Не целосно како што беше првично проектирана – но безбедно, квалитетно и функционално. А паралелно со тоа – ќе ја градиме и најважната улица од сите: Патот меѓу вас и мене.
А тој пат ќе биде изграден од искреност, почит и одговорност, изјави градоначалникот Митовски.