Започнаа градежните активности за изградба на уште 1 километар од патот Б’с- Кошари

Денес започнаа градежните активности за асфалтирање на еден километар пат од значајниот патен правец за поврзување на Општина Крива Паланка со туристичкиот локалитет Калин Камен, патот Б’с- – Кошари.

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, изврши увид на работата на терен и најави дека според динамиката на градба, проектот треба да се реализира до крајот на ноември.

Тој истакна дека проектот за изградба на нови 1000 метри од локалниот пат Крива Паланка кон село Варовиште, Б’с- Кошари е во вредност 10 милиони денари со вклучен ДДВ, обезбедени од Владата преку Биро за регионален развој.

-Ова е нов, дополнителен еден километар од патот за кој општината има изготвено комплетна техничка документација за шест километри, претходно беа асфалтирани 2 километри, со вложени 16 милиони денари, што значи со овој километар ќе бидат завршени 50 отсто од целиот проект за изградба на патно поврзување до Калин Камен и развој на туризмот, рече Митовски.

Изведувач е БИТЕМ, Скопје надзор МГ Проект.

Според Митовски, целта е континуирано да се вложува во создавање услови за развој на туризмот во Крива Паланка.

Големина на фонт
Контраст