Прием за младите финалисти на детскиот музички натпревар – „Ритам на Европа“

Градоначалникот Сашко Митовски денес организираше прием за нашите млади финалисти во големото музичко телевизиско шоу “Ритамот на Европа” – најголемото детско музичко натпреварување во Европа со 12 – годишна традиција.

Ева Цветановска, Иван Јанковски, Филип Стојковски и Невена Стаменковска се  талентираните млади од нашиот град, кои се финалисти во ова најголемото музичко телевизиско шоу наречено – “Ритамот на Европа”. Тие се пласираа во натпреварувањето по одржаната аудиција во јули минатата година.

Општина Крива Паланка ги подржа сите подготовки и натпревари на нашиот тим, како и престојниот настап  на финалето на регионалниот телевизиски спектакл што наскоро ќе се одржи  во Струмица. Финалето на ова телевизиско шоу  ќе го пренесуваат  сите  национални телевизии од земјите учеснички на фестивалот.

Градоначалниот Сашко Митовски изрази големо задоволство за учеството на нашите претставници во овој голем музички проект, кој се покажал како многу успешен во голем број на земји од Европа.

Детскиот музички натпревар „Ритам на Европа“ е дизајниран согласно Европската повелба за учество на младите во животот на општинско и регионално ниво, а целта на настанот е промоција, развој и препознавање на младите таленти, како и унапредување на интеркултурните односи, толеранцијата, родовата еднаквост и почитувањето на човековите права, соработката и доживотното учење.

Големина на фонт
Контраст