Изработен проектот за реконструкција на НУ Центар за култура Крива Паланка

Изготвен е проектот за нов изглед на НУ Центар за култура, изработена и доставена до установата е проектно -техничката документација за реконструкција на зградата на оваа културна институција. Проектот е изработен со средства од Министерството за култура, 800.000 денари и кофинансирање од 500.000 денари од буџетот на Општина Крива Паланка.

Со изработката на проектно-техничка документација се овозможи во претстојниот период да се аплицира за реализација на проектот по фази, благодарение на основниот предуслов – изготовена проектна документација. Центарот за култура нема спроведено поголеми инфрастуктурни интервенции речиси 4 децении, а последен поголем инфраструктурен зафат е санацијата на кровната конструкција пред десетина години, додека санација на ентериерот на кино салата се изврши во 2022 година.

Финансиската поддршка за овој проект, предложен од општината, е обезбедена преку Програмата за користење средства за капитални дотации од министерството за 2023 година, за единиците на локалната самоуправа во областа на културата.

Проектната документација опфаќа реконструкција на влезот и холот, кино салата, реконструкција на библиотеката, мултифункционален простор за камерни настани, набавка на аудио и визуелна опрема, нов систем за греење и ладење.

Тековната, 2024, година, општината може да аплицира за средства за реализација на првата фаза од проектната документација преку истата програма, како и преку Програмата на министерството за култура за тековно одржување и други расположиви фондови.

Од општината посочија дека се инвестира во културата, подобрување на квалитетот и поддршка на институциите, зашто културата е важен сегмент што ја прави општината препознатлива, а вложувањата носат резултати, со бројни реализирани културни настани и манифестации кои ја вбројуваат Крива Паланка во градовите со најдобра културна програма во државата.

Големина на фонт
Контраст