Новогодишни пакетчиња  и пакети со храна доделени од министерката Тренчевска и градоначалникот Митовски на децата од кривопаланечките подрачни училишта, градинката и  семејства од ранливи категории

Во рамки на кампањата „Среќата се споделува“ на Министерството за труд и социјална политика, министерката Јованка Тренчевска, денес беше во посета на Крива Паланка,  каде заедно со градоначалникот Сашко Митовски подарија над 120 новогодишни пакетчиња на децата од подрачните училишта во Општината.

Настанот на кој беа доделени новогодишните пакетчиња, беше организиран во НУ Центар за култура Крива Паланка, каде децата од подрачните училишта  можеа да ги слушнат и песничките на детскиот хор “Распено симитче“ и да уживаат во веселата  празнична атмосфера.

Во рамки на кампањата, министерката ги посети и дечињата од детската градинка Детелинка, а  неколку семејства на ранливите категории на граѓани, добија пакети со храна и домашни намирници во пресрет на новогодишните празници, донација  од фондација Заев.

Градоначалникот Сашко Митовски упати голема благодарност до Министерството за труд и социјална политика и воедно ја поздрави оваа хумана кампања на министерството, зошто токму Крива Паланка е една од неколкуте Општини, каде заеднички донесовме насмевки на многу детски лица и пријатно претпразнично расположение во неколку домови на семејствата од ранливите категории.

Големина на фонт
Контраст