Одржан концерт на КУЗ “Фолклористи ‘ на “Кривопаланечко културно лето “

На градскиот плоштад “Карпошово востание ” во присуство на неколку стотици граѓани, љубители на фолклорот и традицијата се одржа концерт на КУЗ “Фолклористи”.

Саботата, 22 јули, беше раскошна фолклорна летна вечер на “Кривопаланечко културно лето 2023” со младите играорци од Културно – уметничкото здружение “Фолклористи” – чувари на локалната и национална традиција, фолклор, музика и ора.

Нашите млади кривопаланечки фолклористи на возраст од пет до осумнаесет години,и возрасните ансамбли, ја воодушевија бројната публика со изведбите на кореографиите: “Малешевска”, “Кумановка”, “Игри од Источна Македонија”, а најмалите членови се претставија со ората тројка, четворка…

Специјални гости на фолклористите им беа пријателите и Босна и Херцеговина, КУД “Славија” од Источно Сараево кои се претставија со традиционални игри од Источна Босна.

Топлите летни вечери до крајот на месецот, продолжуваат да изобилуваат со разновидни културни настани за забава и дружење и на жителите и на посетителите на Општина Крива Паланка, во организација на општината и институциите од областа на културата, со поддршка од Министерството за култура на Северна Македонија.

Утре вечер на летната сцена во градскиот парк ќе се одржи проекција на репортажа посветена на јубилејното, десетто издание на Џојфест.

Големина на фонт
Контраст