Гордан Спасовски трио приреди вистинско џез-уживање за публиката

Публиката присутна на летната сцена во паркот во Крива Паланка синоќа имаше несекојдневна прилика да ужива во настапот на “Гордан Спасовски трио”, еден од современите македонски џез ансамбли кој ја негува македонската џез традиција.

Концертот со репертоар од албумот ” Лајт Пилар” (Light pillar) беше дел од програмата на “Кривопаланечко културно лето 2023” во организација на Општина Крива Паланка, заедно со институциите од областа на културата, со поддршка од Министерството за култура.

-Препознатливата уникатност, енергичност и динамичност на изведбите на “Гордан Спасовски трио” вечерва беа вистински празник за уво во оваа топла јулска вечер на “Кривопаланечко културно лето”. Горд сум на нашиот Гордан, нашиот сограѓанин со препознатлив извонреден талент и квалитет од светски размери во кои имаа можност да уживаат и паланчани, рече градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Рече, културната понуда во Крива Паланка нуди над 50- тина настани во јули и август, кои го раздвижуваат градот и привлекуваат бројна публика од соседните општини и регионот.

На летната сцена на плоштадот прозвучи оригинална музика компонирана токму од пијанистот Гордан Спасовски, но триото изведе и традиционални џез композиции, македонски изворни композиции со нови и оригинални аранжмани, со забележително влијание на големите мајстори на џез традицијата, но и со суптилни примеси на македонскиот изворен мелос.

Триото го сочинуваат: Гордан Спасовски, пијано, Кирил Туфекчиевски, контрабас и Виктор Филиповски – тапани, артисти веќе етаблирани на македонската и регионална џез сцена и редовно настапуваат со еминентните џез имиња: Мартин Ѓаконовски, Васил Хаџиманов, Еда Зари, ЗЏМ Биг Бенд, Џон Илија Апелгрен и други.

На програмата на “Кривопаланечко културно лето 2023”, вечерва е настапот на рокерот Дејвид Закиров, исто така кривопаланчанец, со специјална гостинка, вокал-Наталија Данаилова.

Големина на фонт
Контраст