Градоначалникот Митовски изврши увид во  санацијата на локални земјени патишта во општината оштетени од невремето

Непрекинато, и на овие горештини, во Крива Паланка се работи на санација на сите локални земјени патишта оштетени од големото невреме пред неполн месец, какво што со децении не паметат мештаните.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски,  заедно со општинските служби изврши обиколка и увид во работењето на екипите што дваесетина дена интензивно ги санираат штетите и информира дека се отстрануваат наноси, се прават насипи, се работи на враќање во првобитна состојба на локалните патишта во повеќе села: Подржикоњ, Дубровница, Мала и Голема Црцорија, Трново, Киселица , пограничниот армиски пат што се средува по повеќе од десет години.

-Локалната самоуправа со службите и целата расположлива механизација од општината, екипи на ЈП Комуналец, на Јавното претпријатие Македонија пат и два тима на инженерскиот вод на Армијата на Република Северна Македонија, како и дел приватни оператори ја ставија расположливата механизација на располагање, како и човечки ресурси и со максимални напори работат интензивно за обезбедување непречени услови за функционирање на сите граѓани од сите делови на општина Крива Паланка. Првичните заложби беа оспобување на правците за пристап на теренски возила и возила на итни служби, тоа во првата недела беше завршено, по што се работи на преостанатите работи на терен, а можам да кажам дека речиси педесет отсто од санацијата е завршена, но преостанува уште половина од потребната работа да се заврши и добро е што временските услови го овозможуваат тоа, иако, навистина голем проблем се екстремно високите температури, така што им благодарам на сите работници на терен за сите заложби во интерес на доброто на сите граѓани, рече Митовски.

Порача дека Општина Крива Паланка за секој проблем работи на негово брзо и темелно решавање и уште еднаш упати голема благодарност до Владата и надлежните институции за овозможената државна помош за брза санација и справување со последиците и штетите од невремето.

Големина на фонт
Контраст