Интензивно се гради патот во село Кркља, увид извршија градоначалникот Митовски и Министерот Николовски

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски и Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски денес извршија увид во градежните работи на терен во село Кркља кадешто со средства во висина од девет милиони денари од Бирото за регионален развој се инвестираат за изградба и асфалтирање на патот кон маала “Џиковци” и “Тукарци”.

-Во село Кркља интензивно се работи на изградбата на патниот правец во должина од 1500 метри, локален патен правец кон маала “Џиковци” и “Тукарци”. Изведени и завршени се земјените работи, во моментов се работи на изведба на пропусти за одводнување, по што следува тампонирање и асфалтирање за поврзување со постојниот асфалтен пат. Станува збор за инвестиција вредна девет милиони денари со вклучен ДДВ, средства обезбедени преку Биро за регионален развој за создавање услови за рурален развој, информира градоначалникот Митовски.

Ова е еден од двата проекти со вкупна вредност од 28 милиони денари што беа одобрени за Крива Паланка во Програмата за рамномерен регионален развој 2022/23 година од Советот за регионален рамномерен развој.

Министерот Николовски рече дека со проектот „Создавање на услови за рурален развој во село Кркља преку изградба на локална патна инфраструктура“, ќе се овозможи користење на расположливото обработливо земјоделско земјиште за населението во Кркља, како и создавање предуслови за рурален развој, услови за отворање мали трговски фирми, зголемен процент на вработеност на локално ниво, а со тоа и подобри услови за економски развој на Општина Крива Паланка.

 

Големина на фонт
Контраст