Одржана свечена академија по повод 24 Мај, Денот на просветителите

-Со изведба на државната химна од хорот и оркестарот на Националната установа за народни песни и игри, ансамблот “Танец”, во Крива Паланка беше отворена Свечената академија што се одржа на 23 Мај, посветена на сесловенските просветители браќата Кирил и Методиј и Св.Јоаким Крчовски што се одржа во НУ Центар за култура.

На академијата беа доделени признанијата за најдобрите ученици на генерација во учебната 2022/23 од двете основни училишта и средното општинско училиште од градот, како и за најдобар просветен работник во одделенска и предметна настава.

Прославата ја збогати ексклузивниот настап на младиот босански талент, Ајдин Османовиќ и неговиот професор Јасмин Брашниќ, кои воедно имаа прв настап во нашата држава.

На свеченоста, по повод прва година одбележување на 23 Мај, Денот на св.Јоаким Крчовски, говореше Митрополитот Кумановско-Осоговски,г.Грирориј, кој истакна дека онака како што телото без душата е мртво, така и верата без делата,без поучување од евангелијата е мртва.

-Светителот Јоаким Крчовски кој потекнува од македонскиот род, кој живеел и творел на ова тло, е верен продолжувач на ликот и делото на рамноапостолните браќа, светите Кирил и Методиј. Крчовски не поучува дека за да се остане во верата треба да се потхранува човекот со добри дела во текот на работната седмица, но и преку неделните литургии. Наша задача нека биде да ги преведеме делата со кои поучувал и ги просветувал нашите предци светителот,да бидат широко достапни, за да знаеме како ревносно поучувал, рече владиката Григориј, митрополит на КОЕ.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, истакна дека учителот гради, обликува личности ширејќи го нивниот спектар на знаења.

-Одот низ знаењето, работењето и сеењето светлина во животот на луѓето, сеење семе на добрина и почит, е најтешката задача, што по родителите, во животот на секој човек ја имаат учителите. Во нивна чест се слави и вечерва, со свечено воздигнување на учителската работа, на учењето и знаењето.Зашто општеството се темели на едуцирани и вешти кадри, произлезени од квалитетни воспитно-образовни институции и добри педагози, учители, професори, ментори. Токму на тоа поле и ние како општина вложуваме многу, во младите , во училиштата, во сите услови што придонесуваат за уште подобар квалитет на процесот на едукација и развој на младите. Во дланките на сите педагози, учители, професори , стојат патоказите за младите кон иднината, кон промената на светот. А со силата во нивните умови, во младите – спие иднината.

Затоа, мојата порака до сите млади е: бидете будни, бидете за знаења жедни, бидете вредни, порача Митовски.

За најдобар просветен работник од предметна настава е прогласена професорката по математика, Сашка Младеновска од средното општинско училиште “Ѓорче Петров”, а најдобра наставничка во одделенска настава, Маре Анѓеловска од ООУ “Илинден”.

За ученици на генерација 2022/23 беа прогласени Дениција Илиевска и Сара Стојановска од основните училишта,а од средношколците, матурантката Лина Рангелова.

Денот на сесловенските просветители,24 Мај, синоќа беше одбележан со целовечерен концерт на Ајдин Османовиќ и професор Јасмин Брашниќ, кои во двете вечери ја воодушевија публиката од речиси сите краеви на нашата земја, што специјално пристигна за да го слуша овој млад вонсериски талент.

Јасмин Брашниќ достави и подарок од име на Општина Сребреник до градоначалникот Сашко Митовски, во знак на благодарност за поддршката на талентираниот “славеј”.

-Упатувам посебна благодарност до градоначалникот Митовски, кој го сметам веќе за наш пријател, поради прекрасното гостопримство, поддршка и целата позитивна енергија што ни ја пружи од првиот момент на доаѓање во Крива Паланка. Честитки што имате таков градоначалник кој се грижи за младите, што го одржува градот чист и убав, а тоа , верувајте ме потсети на некои делови од Швајцарија, како и за тоа што има визија да го развива градот. Вие ќе имате посебно место во историјата на понатамошната кариера на Ајдин, со кој имаме мисија да шириме љубов, а неговиот талент со сигурност ќе го направи голема регионална ѕвезда, рече Јасмин Брашниќ.

Големина на фонт
Контраст