Mатурантите од СОУ “Ѓорче Петров” добија по 3.000 денари од буџетот на Општина Крива Паланка

Во знак на поддршка на младите и субвенционирање на млади лица од општината, денес на сметките на сите матуранти од средното општинско училиште “Ѓорче Петров”, Крива Паланка префрлени се средствата предвидени со новaта мерка, воведена од оваа година, 3000 денари од буџетот на Општина Крива Паланка.

Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, на овој начин им ја честита матурата и рече дека за првпат годинава се поддржани матурантите, со еден придонес кон претстојната прослава на нивната матурска вечер.

-Влогот во младите е влог во сигурна перспектива на општината и државата. Како општина,една од првите во државата донесовме програма за млади, а од буџетот за 2023 издвоивме средства за директни субвенции на младите преку повеќе мерки, меѓу кои и за матуранти. Денес на сметките на сите матуранти од нашиот град, од СОУ “Ѓорче Петров”, како честитка за претстојната матурска прослава, префрлени се средствата од предвидените субвенции за нив – по 3000 денари од буџетот на Општина Крива Паланка, мерка воведена за првпат од оваа година, рече Митовски.

Овие млади луѓе, порача, се иднината, најголемата вредност на општеството, а иднината зависи од она што го прават денес. -Изборот за иднината нека биде резултат на одлуките и изборите на кои упорно ќе се посветите, зашто секој успех е триумф на упорноста. Бидете упорни, вредни и мудри.Честита матура и среќно во новите предизвици!, им порача Митовски.

Инаку, општина Крива Паланка од годинава воведе низа стимулативни мерки за млади, меѓу кои: субвенции за набавка на дигитални уреди, субвенции за набавка на велосипед, еднократна парична помош за секое новороденче, субвенција за набавка на количка за новороденче, еднократна парична помош за матуранти и други.

Од буџетот се вложува во спортска и детска инфраструктура, заедно со поддршка од Владата, министерствата и АМС, со што се изградени повеќе спортски содржини и терени.

-Финансиска помош за сите спортски клубови е доделена во висина од 3 милиони денари, кои се насочени кон младите. Крива Паланка е град на млади таленти што ја заслужуваат нашата поддршка, додаде Митовски.

Големина на фонт
Контраст