Во кејот на Крива Река засадени сто зимзелени садници по повод Денот на Европа

Во знак на одбележување на Денот на Европа, 9 Мај, Националната агенција за Европски образовни програми и мобилност донираше сто повеќегодишни садници за Општина Крива Паланка.

Денес, по одржувањето на општинскиот крос-натпревар, градоначалникот Сашко Митовски, директорот на Националната агенција, Марко Ѓоргиевски со тимот од агенцијата, претставници од општината, од основните и средното општинско училиште во градот, претставници од Европската куќа Крива Паланка, симболично засадија садници во кејот на Крива Река, во реонот на централниот градски плоштад и парк, а местото на засадување ќе се нарече “Еразмус шума”.

Овие садници ќе го разубават дополнително овој дел од центарот на градот, токму на потегот кадешто е лоциран малиот амфитеатар со летна сцена за одржување културни манифестации и настани во Крива Паланка.

Истовремено, овие сто садници ја надополнуваат бројката од над 600 декоративни садници и повеќегодишни растенија засадени од почетокот на годината досега во кејот на Крива Река, долж двете страни на новоуредените тротоари на главната улица св.Јоаким Осоговски на влезот и излезот на градот, како и во градскиот парк и плоштад.

Крива Паланка несомнено го оправдува епитетот на најчиста и најубаво уредена општина во државата, што неодамна и го доделија од државните инспециски служби при нивната посета на нашата општина.

Големина на фонт
Контраст