Градоначалникот Митовски се сретна со писателот Гоце Ристовски по повод Меѓународната награда од Турција 

Градоначалникот на Општина Крива Паланка Сашко Митовски оствари средба со писателот Гоце Ристовски, кој е роден во Крива Паланка, по неговото враќање од Истанбул, Република Турција, каде му беше врачена Меѓународна награда за драмски писател  за 2022-2023 година.

Во оваа прилика градоначалникот Митовски му честиташе на Ристовски за високото и угледно меѓународно признание и му посака успех во неговата понатамошна работа во земјава и странство.  Митовски истакна дека  Крива Паланака давала, дава и ќе дава поединци како Гоце Ристовски, кои со својата дејност постигнале значајни резултати, уважени и признаени во светот, од разни области на науката и уметноста и кривопаланчани имаа за што да се гордеат.

-Нивната афирмација е афирмација и на општината, на нејзините природни убавини, културно исторски вредности, богатата традиција и општествено економскиот, научниот и културен развој. Како градоначалник ќе се трудам да ги продлабочувам врските со успешните кривопаланчани и да оствариме соработка каде тоа е можно за добробит на Крива Паланка и нејзините жители, оти таквите творци и научници, како нашиот денешен славеник, истакнатиот писател, новинар, преведувач и универзитетски професор Гоце Ристовски се наши амбасадори на домашен и меѓународен план. Уверен сум дека соработката со нашиот Гоце Ристовски ќе продолжи во областа на културата, особено во натамошниот растеж и развој на Меѓународниот театарски фестивал „Свети Јоаким Осоговски“.

Писателот Гоце Ристовски се заблагодри на честитките и му посака успешна работа на градоначалникот и во иднина во сите свери на животот во општината и посебно во областа на културата.

-Културата остварува ефективна соработка меѓу луѓето  и народите без разлика на нивните различности. Ги велича човечките доблести и вредности на најдобар начин. Времињата се паметат по културните достигнувања – рече Ристовски.

Гоце Ристовски на градоначалникот Сашко Митовски му подари примероци од објавената драма „9“  во Турција на турски јазик и турски списанија во кои се публикувани написи за објавувањето на неговата книга и добивањето на наградата во Турција што, како што посочи градоначалникот Митовски, ќе најдат свое значајно место во Градската библиотека и Градскиот музеј во Крива Паланка.

Големина на фонт
Контраст