Со најмасовно детско дефиле под маски одбележан Денот на шегата 1-ви Април во Крива Паланка 

Денот на шегата-1ви Април во општина Крива Паланка се одбележа на спектакуларен начин со, досега најмасовно детско дефиле, со најкреативни маски и богата програма со забавна содржина за сите деца од училишна и предучилишна вораст.

Стотици маски креирани од најмладите дечиња и нивните ментори од  детската градинка „Детелинка“, учениците од  ООУ „Јоаким Крчовски“, ООУ „Илинден“, како и учениците од подрачните училишта од с. Дурачка Река, с.Жидилово, с. Узем, с. Конопница и с. Мождивњак, денеска продефилираа низ  централната улица и градскиот плоштад.

Плоштадот беше претесен да ги собере сите заедно, дечињата и нивните ментори, нивните баби, дедовци, мајки, татковци. Оваа убавина од бои и креативност на менторите, наставниците и родителите да ги маскираат своите деца во омилените јунаци, денес беше привилегија да се види, но и да им се оддаде признание за креативноста и иновативноста.

За таа цел Општината организираше и избор на најкреативни групни маски и обезбеди соодветна награда за нив. Според мислењето на Комисијата, првите три места им припаднаа на следните групни маски:

  • Прво место за групна маска со тема „Распеани паланчани“ изработена од дечињата од детската градинка „Детелинка“ од групата „Звездички“ и менторите: Наталија Крстевска и Славица Јакимовска.
  • Второ место за груна маска со тема „Виолини“ изработена од учениците од ООУ „Јоаким Крчовски“ и ментор Мирјана Петкова.
  • Трето место за групната маска со тема „Пролет“ во изработка на учениците од ООУ „Илинден“ под менторство на Славица Ристовска.

Дечињата денеска уживаа и во убавите моменти и изненадувањата, кои  Општината во соработка со ЛУ Градски музеј и НУ Центар за Култура, ги организираше за нив и нивните очекувања, за да го доживеат овој радосен ден, онака како што тие тоа го заслужуваат.

Забавта на плоштадот беше збогатена и со настапот на популарните Биби и Боби и перформансот на магионичарот Кристијан.

Големина на фонт
Контраст