Крива Паланка доби ново јавно претпријатие

Општина Крива Паланка основа ново јавно претпријатие за изградба и за одржување на локални патишта и паркинзи, уредување на буици, одржување на улично осветлување и изготвување техничка документација. Советот на Општината одлучи да биде формирано ЈП „Калин камен“, а иницијативата беше покрената од градоначалникот Арсенчо Алексовски.

– Досега за овие јавни услуги Општината одвојуваше огромни средства. Заради поекономично работење одлучивме да формираме јавно претпријатие кое ќе ги извршува овие работи, со што ќе се намалат досегашните трошоци за оваа намена. Во рамките на претпријатието ќе функционира и сектор за изготвување на техничка документација и проекти, за што во изминатиот период се издвојуваа големи пари кои сега ќе може да бидат пренаменети за други потреби – вели градоначалникот Алексовски.

За основање на претпријатието планирани се 800 илјади денари основачки влог од буџетот на Општината, а Советот донесе одлука и за набавка на потребната опрема во вредност од околу 100 илјади евра. Тие ќе бидат потрошени за набавка на скип, камион и машина за монтирање и демонтирање на уличното осветление, кои ќе се обезбедат преку краткорочен заем од државата.

Извор: Дневник

Големина на фонт
Контраст