Со “Бадникова поворка” и прослава на плоштадот одбележување на Бадник во Крива Паланка

Стотина дечиња со радосни срца и песни за празнувањата на Бадник и Божиќ учествуваа во денешната Бадникова поворка во Крива Паланка

Поворката тргна од плоштадот “Карпошово востание” , низ главната улица, сѐ до централниот градски плоштад, каде хорот од ООУ “Јоаким Крчовски” одржа мал концерт со Божиќни песни. Оттука поворката продолжи кон соборниот храм „Св. Великомаченик Димтриј“ кадешто свештеници од Кумановско-Осоговската епархија, кривопаланечко архиерејско намесништво, беседеа за значењето на големите празници во пресрет на веста за Христовото раѓање.

Сите дечиња кои беа дел од поворката добија подароци од годинашната кума на прославата, Емилија Стојковска, а од свештениците добија Библија.

На Бадниковата прослава организирана на централниот градски плоштад, граѓаните добија празнична молитва и благосов од Кривопаланечко архиерејско намесништво, по што следуваше кршење лепче со паричка и избор на кумство за 2024 година.

Најсреќен меѓу пријавените, што ја пронајде паричката,е Даниел Ангеловски , советник во Советот на Општина Крива Паланка.

Пред присутните свечено се обрати и упати честитка за празникот претседателката на Совет на општината, Изабела Павловска.

Павловски посака здравје, љубов и мир, благосостојба и бериќет во секој дом.

Годинашната кума, Стојковска, ги поздрави присутните, посакувајќи им среќни празници од свое име и од име на вработените во нејзината пицерија “Аквариум”, кои заеднички приредија свечена посна трпеза за сите присутни на плоштадот.

Таа подели подароци и за министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, присутен на прославата, за градоначалникот Сашко Митовски и за годинашниот кум, Ангеловски.

Прославата ја организираа локалната самоуправа на општината и културните институции од градот, а придонес во реализација на настанот имаа и двете основни и средното општинско училиште од градот.

Големина на фонт
Контраст