Министерот Николовски и градоначалникот Митовски поделија здрава ужинка за учениците од основните училишта

Денес официјална посета на општина Крива Паланка оствари министерот за земјоделство шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, кој заедно со градоначалникот, Сашко Митовски, ги посетија двете основни училишта од градот и во рамки на кампањата „Здрава ужинка за секое дете“ им поделија јаболка на учениците.

До двете основни училишта од градот опфатени со кампањата дистрибуирани се јаболка за вкупно 1390 ученици од централните објекти и сите подрачни училишта во руралните средини, т.е. за 825 ученици од ООУ “Јоаким Крчовски” и 565 ученици од ООУ”Илинден”.

Беа поделени јаболка за здрава ужинка обезбедени преку програмата за откуп на свежо овошје, со која се врши откуп на 743.000 килограми наши домашни јаболка кои се дистрибуираат до 350 основни училишта ширум државата, до 186.000 ученици.

– Крајна цел е оваа програма да прерасне во сеопфатен проект во кој откупените домашни земјоделски производи ќе може покрај основните училишта да ги добиваат и здравствените установи, детски градинки, припадниците на безбедносните сили, полицијата и армијата, истакна министерот Николовски.

Николовски токму во основното општинско училиште “Јоаким Крчовски” во неговата родна Крива Паланка го завршил основното образование и истакна дека на драго срце при секоја посета на училиштето особено се радува кога може да сподели нови проекти и активности за подобрување на квалитетот на образованието или условите за работа во воспитно образовната сфера.

Планирано е во 2023 со истата програма покрај јаболка,да бидат опфатени и други видови овошја, зеленчук, млеко и млечни производи кои исто така ќе бидат дистрибуирани до основни училишта како здрава ужинка за секое дете.

Кампањата ја поддржаа со реализација We Effect Sida, и Национална федерација на фармери.

Големина на фонт
Контраст