Општина Крива Паланка го одбележа меѓународниот ден на лица со попреченост

По повод 3-ти Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост, градоначалникот на општина Крива Паланка, Сашко Митовски организираше ручек за штитениците од Одделението за дневен престој на лица со попреченост, кое работи во рамки на ЈУ Меѓуопштинскиот центар за социјална работа од Крива Паланка.

На ручекот покрај штитениците од дневниот центар, присуствуваа и вработените од Одделението за дневен престој за лица со попреченост, директорот на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа, Гоце  Цветковски, како и секретарот на ОО на Црвен крст Крива Паланка, Дарко Пешовски.

„Целосното интегрирање на лицата со попреченост во заедницата и општеството треба да биде една од нашите примарни цели, а сите досегашни ангажмани на тој план, нужно е да се унапредуваат до нивна сеопфатна реализација. Трети декември треба да ни биде само потсетник, што треба да работиме во наредните 365 дена, за да го зголемиме квалитетот на живеење на лицата со попреченост. Општина Крива Паланка ќе продолжи со континуирана поддршка во грижата за лицата со посебни потреби, изјави во ова прилика градоначалникот Митовски.

По повод празникот, Општина Крива Паланка обезбеди соодветна поддршка и за семејствата со лица со посебни потреби, а за таа цел беше организирана посета во домовите на лицата со попреченост и од страна на градоначалникот Сашко Митовски им беа врачени пригодни подароци.

Големина на фонт
Контраст