Крива Паланка денес беше домаќин на кампањата „Подај рака и промени живот, стани згрижувач

Денеска  во општина Крива Паланка се реализираше кампања за  промоција на згрижувањето на деца, како нов концепт на детска заштита и информирање за бенефитите и условите за истото, со единствена цел секое дете да расте во топол дом и да добие шанса за светла иднина.

Оваа информативна средба за промоција е дел од Националната кампања „Подај рака и промени живот – стани згрижувач” што ја спроведуваат СОС Детско село и Министерството за труд и социјална политика  и локалните самоуправи, а овозможена е од страна на Германското министерство за економски развој и соработка.

„Кампањата има за цел да го промовира згрижувањето, односно да поттикне се поголем број граѓани да станат згрижувачи на децата без родители, за да може секое дете да расте во безбедно семејно опкружување исполнето со љубов.

На настанот, покрај организаторите и згрижувачите на деца, како и заинтересираните граѓани, присуствуваа и градоначалникот на Општина Крива Паланка, г. Сашко Митовски и Директорот на Центарот за социјална работа, г. Гоце Цветковски.

Градоначалникот Сашко Митовски ја поздрави кампањата и се заблагодари на сите згрижувачи од општината и во оваа прилика изјави:

„Љубовта е единственото нешто што кога се дели – расте. Се што расте со љубов- цвета, а децата се како цвеќе, украс на светот што му дава смисла на животот. И бидејќи детската радост и насмевки немаат цена, наша цел, обврска и должност е да создадеме услови секое дете да расте и да се развива во љубов, без разлика каде се наоѓа.
За жал, има многу дечиња кои лишени од можноста да бидат со биолошкото семејство, со родителите и токму затоа нашата задача како институции , заедно со заложбите на министерството за труд и социјална политика се да промовираме и постигнеме згрижување на што повеќе деца без родителска грижа.
На тој начин ќе ги заштитиме и ќе им овозможиме на дечињата грижа, нивно развивање во здрави личности што во иднина ќе бидат одговорни возрасни лица подготвени за иднината.

Ниедно дете не заслужува да биде лишено од љубовта на животот, од она што ќе му даде поттик, поддршка и стимул за раст и развој.

Затоа, ние како чинители во општеството имаме обврска кон децата без родителска грижа да направиме се што можеме, децата да бидат безгрижни, добивајќи љубов и поддршка, преку згрижувачки семејства.

Ја поздравувам и поддржувам кампањата на МТСП и СОС детско село, им честитам на сите од општината и државата што станале згрижувачки семејства и пружиле топол дом на дечињата и упатувам апел до сите што можат – да подадат рака, да станат семејство кое ќе им биде сигурен дом на овие дечиња чијашто иднина ќе стане посигурна со нашата подарена љубов.Бидете светлина во животот на овие мали сонца, која, со сигурност, ќе ве огрее уште посилно кога ќе ви ја возвратат пружената љубов. Верувајте, учејќи ги децата каков е животот-тие нам секојдневно нè учат што е всушност животот“.

Во нашата држава во моментов има 353 згрижувачки семејства, а конкретно во општина Крива Паланка има 8 семејства кои згрижуваат деца, меѓутоа тоа е далеку од тоа што е доволно. Многу деца имаат потреба да ја променат својата форма на згрижување, имаат потреба од љубов, од топол дом и од грижа.

Во рамки на денешниот настан беше потенцирано дека, сите згрижувачите добиваат месечен надомест за згрижено дете (16.788 мкд за секое згрижено дете), надомест за згрижувач, услуга на стручна помош и поддршка преку центри за поддршка за згрижувачки семејства, како и други придобивки, од кои и траен надоместок од државата со навршен стаж од 15 години згрижувач.

На овој начин, згрижувачите учествуваат во можеби најхуманата активност – заштита на детето, прават вистинска промена и менуваат не само еден живот – но цели генерации, преку што, истовремено ја намалуваат стигматизацијата во општеството за децата во недостиг од соодветна грижа.

За сите кои се заинтересирани да станат згрижувачи, а немаат можност да присуствуваат на настанот, повеќе информации за тоа како да станат згрижувач, можат да добијат на телефонскaта линија 075/277-477 и веб страната http://www.zgrizuvanje.mk

 

 

Големина на фонт
Контраст