Градски саат пак ќе заѕвони во Kрива Паланка

Голем градски часовник ќе биде поставен на врвот од новиот административно-деловен објект, кој се гради во кругот на општинската зграда на Kрива Паланка. Со тоа Општината сака да ја врати традицијата, кога точното време се означувало од саат-кулата, која била изградена по основањето на градот во 1633 година и била во функција се до минатиот век.

Со проектот на новиот објект, кој се гради со јавно-приватно партнерство, предвидени се и носачи за градскиот часовник, кој ќе биде поставен на врвот од зградата. Ќе има две страни, така што граѓаните ќе може да го гледаат саатот од главната улица и од населбата Баглак – вели Алексовски.

Со повторното поставување градски саат Kрива Паланка ја враќа традицијата од минатото, кога времето го броел часовникот од старата камена саат-кула. По основањето на Kрива Паланка како градска населба, таа била една од првите градби што го оформиле основното градско јадро и се наоѓала на баир отспротива на тврдината. Постарите кривопаланчанци се сеќаваат дека саат-кулата била во функција се  до 50-тите години од минатиот век.

– Беше висока околу 16 метри, изѕидана од камен дебел половина метар, а во внатрешноста до врвот водеа дрвени скали. На горната платформа беа поставени механизмот на саатот и големо месингено ѕвоно, кое силно одекнуваше. Механизмот, пак, беше поврзан со две дебели јажиња со тегови, кои наизменично се креваа и спуштаа во дупка, длабока како бунар, која се наоѓаше на влезот од кулата. Часовникот рачно се навиваше на секои 24 часа, а за негово одржување се грижеше Али-бег, познат саатчија, кој подоцна се исели во Турција – раскажува 75-годишниот Бранко Цветковски.

Тој објаснува дека како деца често влегувале во саат-кулата и удирале по големото ѕвоно.

– Посебно доживување беше кога часовникот ќе означеше 12 часот, односно пладне. Тогаш сите дуќани во чаршијата се затвораа и се знаеше дека е време за ручек – објаснува Цветковски.

За жал, не се зачувани никакви остатоци од саат-кулата. Покрај Али-бег, во одржувањето на часовникот помогнал и познатиот кривопаланечки саатчија Димитар Мазаковски. Kако градба, кулата постоела некаде до 70-тите години, кога била урната и на нејзино место била изградена индивидуална зграда.

Извор: Дневник

Големина на фонт
Контраст