Заврши 17-то издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Св.Јоаким Осоговски“ во Крива Паланка

Со настапот на ансамблот “Македонија” на третата фестивалска вечер, синоќа во Крива Паланка официјално беше затворено овогодинашното издание на Интернационалниот фолклорен фестивал “св.Јоаким Осоговски”.

Ансамбл “Македонија” приреди целовечерен концерт за публиката во Крива Паланка со кореографии и сценски адаптации на: Соборски ора и песни од етничките предели Средорек, Жеглигово и Славиште, соборски ора и песни од етничкиот предел Источен дел на Славиште, “Лазарице”-женски обредни поворки од етничкиот предел Славиште, ора и песни од предел Дурачка Река, соборско машко оро од Малешевијата, “Гачке”- женски друштвени, велигденски игри од Поречијата, “Јанино и Малешевка”, окестарско – инструментална изведба и “Каршијак”, сите под капата на уметничкиот директор, Владимир Јаневски.

На крајот на програмата беа доделени плакети и благодарници од организаторите: Општина Крива Паланка и Национална установа Центар за култура Крива Паланка. Фестивалот траеше од 24 до 26 август, со богата програма настапи на фолклорни друштва и ансамбли од Турција, Хрватска, Србија, Бугарија и од РС Македонија: Битола, Делчево, Скопје. Интернационалниот фолклорен фестивал „Свети Јоаким Осоговски“ е дел од програмата на „Кривопаланчеко културно лето 2022“, а се реализира со поддршка од Министерството за култура на РС Македонија.

Трите фестивалски вечери ја навестија празничната атмосфера во општината, која следува по фестивалот со празнувањата на двата големи празници, Успение на Пресвета Богородица и празникот на светецот-закрилник на градот Свети Јоаким Осоговски, како и овогодинешното издание на музичкиот фестивал „Џои Фест“.

Големина на фонт
Контраст