Продолжува имплементацијата на проектот „Цело е кога има се“

Воспитувачи, негуватели на деца и музички аниматори се ангажирани со Програмата за општинско корисна работа која преку проектот „Цело е кога има се“ седма година по ред се имплементира во Општина Крива Паланка.

Ангажираните лица: негуватели, воспитувачи и музички аниматори ќе работат во следните девет месеци во детската градинка “Детелинка”.

Општина Крива Паланка оваа година се вклучи по седми пат во Програмата “Општинско корисна работа” преку проектот „Цело е кога има се“, поддржан од УНДП, МТСП, АВРМ и локалната самоуправа на општината.

–Од општинскиот буџет се финансираат 20 отсто од потребните средства за реализација на активностите, а во контекст на подобрување на квалитетот на услугите за згрижување на најмладите жители на нашата општина, годинава се вклучени двајца воспитувачи, двајца негуватели и еден музички аниматор во ОЈУДГ „Детелинка” кои се очекува допринесат за унапредување на квалитетот на реализацијата на наставата и да се создадат можности за реализација на дополнителни активности во функција на развој на вештини кај децата. Како општина во континуитет вложуваме во осовременување и модернизација на услугите кои оваа предучилишна установа ги пружа, во објектот на улица”Илинденска” се работи на надградба со втор кат и реконструкција на објектот, со цел поголем опфат на деца, проектот се имплементира со средства од Министерството за труд и социјална политика, проект вреден околу 26 милиони денари, со дополнителна финансиска поддршка и од општинскиот буџет, а во централниот објект со донација од Јапонската амбасада се реновира кујната и се врши осовременување на условите во објектот, изјави градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Како што информира Елена Христовска, општински координатор на проектот, ангажирањето дополнителен персонал ќе го зголеми капацитетот на градинката од аспект на препознавање и работа со талентирани ученици, деца од дисфункционални семејства, деца од рурални средини, и други.

Големина на фонт
Контраст