Наградени најуспешните на националниот конкурс “По вашите стапки чекориме”

Во пресрет на 24 мај, ден на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј, во Европската куќа Крива Паланка беа доделени наградите за најуспешните творби од националниот конкурс “По вашите стапки чекориме”.

Конкурсот го организираше Националната установа Центар за култура Крива Паланка со литературниот клуб “Калин”, во соработка со Сојузот на просветни работници на РС Македонија.

Наградени на конкурсот беа ученици и ученички од основните училишта: “Гоце Делчев”, Тетово, “Андреја Савевски” Ќиќиш, “Видое Подгорец”, Колешино, “Христијан Карпош”, Куманово, “Ѓоргија Пулевски”, Скопје, “Круме Кепески” и “Ј.Х.Песталоци”, Скопје, “Јоаким Крчовски” и “Илинден”, Крива Паланка.

-Не случајно денес ги доделуваме наградите и ги читаме стиховите посветени на нашите големи просветители браќата Кирил и Методиј, бидејќи по вчерашната канонизација на преподобниот Јоаким Крчовски, нашиот просветител, денешниот датум, 23 мај е денот кога се прославува официјално со одлука на МОЦ- ОА и овој светител и просветител, преродбеник, а од денес е и официјален празник на градот Крива Паланка, кадешто учителствувал, така што, не постои поубава прилика за беседење за јазикот и литературата, изјави Ирена Белешковска, книжевник, координатор на настанот.

Професорката, наставник-ментор, Лариса Жулина-Митовски којашто го организираше целокупниот настан, истакна дека најзначајно е што наградените ученици од трите категории се посветени на сочувување на наследството и аманетот за писменоста што ни го оставиле светите браќа Кирил и Методиј.

На настанот присуствуваа првонаградените ученици од трите категории, а оние што не беа во можност да дојдат во Крива Паланка, се вклучија онлајн на Zoom платформата.

Како дел од конкурсот професорката Жулина-Митовски изработи и електронска стихозбирка со најдобрите творби од конкурсот.

Комисија во посебен состав наставници и професори по македонски јазик и литература: Анета Трајковска од ООУ “Илинден”, Габриела Стојановска од ООУ “Јоаким Крчовски” и Лиле Стојановска од СОУ “Ѓорче Петров” ги  вредуваше пристигнатите творби од речиси сите основни училишта во државата, а организаторите најавуваат дека конкурсот ќе продолжи да се организира секоја година во чест на св.Јоаким Крчовски и светите браќа Кирил и Методиј.

Организаторите најавуваат конкурсот да прерасне во традиционален.

Настанот го збогати учеството на училишниот бенд од СОУ “Ѓорче Петров”, Крива Паланка  под менторството на проф.Елизабета Ташкова. Голема благодарност до директорката  на СОУ “Ѓорче Петров” Елена Ѓорѓиевска за поддршката.

Големина на фонт
Контраст