Екипата од Крива Паланка, составена од Ивановски Тихомир и Драгица, Ивановски Славе и Моравка и Митовски Миле и Маре, ги приготви највкусните јадења во рамките на традиционалната манифестација на кулинарски вештини „Софра 2009“, која по седми пат викендов се одржа во Стар Дојран.
Второто место го освои екипата на студентите од Меѓународниот славјански институт „Державин“ – филијала Свети Николе, а третото екипата на општината Валандово. Виничани го понесоа епитетот најшармантна екипа на манифестацијата. Наградите на најдобрите им ги предаде Владимир Дмитриевич Солоцински, амбасадор на Руската федерација во Македонија.
Оваа манифестација е во организација на Сојузот на здруженијата на македонско-руското пријателство и соработка, а годинава таа го имаше своето седмо издание. Манифестацијата е со интернационален карактер, бидејќи секоја година на неа учествуваат екипи од други држави. Годинава своја екипа имаше Србија, а надвор од конкуренција, и екипата на амбасадата на Руската Федерација во нашата држава приготви национални руски јадења. Тридневното дружење помина во пријатен амбиент со културно-забавна програма на културно-уметнички друштва од земјава. Годинава имаше 120 учесници, а нивните кулинарски вештини имаа можност да ги вкусат жителите на Стар Дојран и бројните туристи кои викендов го посетија ова туристичко место.
превземено од Утрински весник
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=19F6ED9AC9B756459FAF15597463379E