Со спектакуларен настан заврши турнирот во мал фудбал

Синоќа во спортската сала”Бранители 2001″ во Крива Паланка се одиграа завршните натпревари од првиот национален турнир во мал фудбал што траеше една недела,а учесвуваа екипи од Скопје, Кратово, Ранковце и Крива Паланка.

Натпреварите за трето место и финалето беа отворени со спектакуларен перформанс, во преполната сала во градот.

На настанот присуствуваа градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски и претседателката на ТАКТ, Магдалена Спасовска кои во име на поддршката на турнирот ги врачија медалите и наградите за најдобрите три екипи.

-Се врати стариот сјај на трибините за поддршка на фудбалската игра, за сплотеност и насоченост кон една мисла- спортска победа и фер надигрување.Со полните трибини ми се исполни и срцето бидејќи паланчани покажаа дека Крива Паланка е спортски град, дека спортот треба да се поддржи и да се инвестира во негов развој како поле што може позитивно да влијае на локалниот развој. Токму тоа и беше моја водилка за првпат како општина да организираме ваков турнир во мал фудбал, кој наиде на одличен одзив, но и на национална поддршка и од АМС и од ТАКТ, така што заедно, покажавме дека спортскиот терен е универзално поле каде се гледа заедништвото и се промовираат еднаквоста, соживотот, толеранцијата, тимската работа,заедничката цел-успехот, изјави Митовски.

Упати благодарност до директорот на АМС, Мојсовски, за поддршката и тоа што агенцијата ќе продолжи да инвестира во нови спортски содржини во градот.

-Со градоначалникот ја имавме ваквата идеја за да отпочнеме од некаде, а полната сала говори дека по КОВИД пандемијата што ни направи многу проблеми, сме посилни. Подршката од АМС за вашиот град ќе ја имате и во иднина, а се надевам следната година ќе биде уште помасовен турнирот и ќе ни треба уште една трибина во салата, рече Мојсовски.

Првопласирана екипа на турнирот е “Гостилница кај Џек”, второ место “Воденица 3-Селект кафе” и трето место – “Бамбуча”, Скопје.

Награди и признанија беа доделени и за најдобар играч и голман на турнирот.

Трите најдобри екипи добија и парична награда од општината, како покровител на турнирот.

Се очекува турнирот да прерасне во традиционален.

Турнирот беше поддржан и од Play2Include проектот поддржан од AFD, GIZ и FIFА.

Големина на фонт
Контраст