Отворен ден на МВР во Крива Паланка- полицијата поблиску до граѓаните

Со показни вежби на Единицата за брзо распоредување, на Одделот за заштита на определени личности и објекти на дружба со граѓаните и Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, прелет над градот на хеликоптер од воздухопловната единица на МВР и можност за дечињата да влезат во полициски хеликоптер, како и дружење со полициските службеници и опрема од сите единици во Крива Паланка денес беше одбележан претстојниот Ден на полицијата, 7 Мај.

На настанот присуствуваа Директорот на бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, со претставници на кабинетот и градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, како и  претставници од СВР Куманово и ОВР Крива Паланка.

На градскиот стадион во Крива Паланка беа изложени и опрема, униформи и возила на бројни служби и единици до МВР со цел граѓаните да се запознаат со полициската професија и нивната опрема.

Настанот се реализираше во соработка со Општина Крива Паланка, а присуствуваа неколку стотици посетители од градот и околните места.

Од општината посочија дека нема подобар начин за запознавање на граѓаните со полицијата од взаемната соработка меѓу локалната заедница и полициските службеници, а токму тоа партнерство се промовира со ваквите настани.

Градоначалникот Митовски ја поздрави иницијативата да им се пружи можност граѓаните и сите жители на општината и регионот да можат да ги проследат показните вежби од страна на Единиците на МВР, да се запознаат со  опремата и да се дружат со чуварите  на мирот.

Посочи дека полициските службеници се партнери на граѓаните во зачувување и одржување на спокојното живеење, на јавниот ред и мир, на  безбедноста и сигурноста и во име на жителите на општина Крива Паланка, упати благодарност за нивната несебична посветеност на службата.

Освен во Крива Паланка, настани од ваков вид денес се одржаа и во Струмица, Велес, Струга и Крушево.

Големина на фонт
Контраст