Во Крива Паланка се одржа манифестацијата „Велигденска традиција“

На ден 26.04.2022, трет ден Велигден, пред платото на ЛУ Градски музеј Крива Паланка се одржа традиционалната манифестација „Велигденска традиција 2022“, која е во организација на локалната установа Градски музеј и општина Крива Паланка.

Манифестацијата е посветена на велигденските обичаи и традицијата поврзана со чествувањето на големиот христијански празник Велигден и има цел зачувувања на традиционалните вредности и надополнување на  Велигденските празнувања.

На посебен штанд беа изложени индивидуални декорации со разни велигденски мотиви, актуелни теми од секојдневието, природни мотиви и изработки поврзани со традицијата, кои според критериумите на жири комисијата  добија награди во две категории.

Прва категорија-награди за најубаво велигденско јајце (прво, второ и трето) место и втора категорија – награда за најцврсто јајце.

Прво место за најубаво украсено велигденско јајце доби, изработката под шифра „Надеж“ на Викторија Ѓеорѓиевска ученичка во СОУ „Ѓорче Петров“.

Второ место освои изработката под шифра „Никола“ на Никола Станковски, студент на Факултетот за ликовни уметности-ФЛУ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

А третото место му припадна на креацијата под шифра „Корона јајце“ изработена од страна на штитеници од Одделението за дневен престој на лица со попреченост.

Наградата за најцврсто јајце отиде во рацета на Ива Јакимовска од ООУ „Илинден“ Крива Паланка.

Во манифестацијата  „Велигденска традиција 2022“ учествуваа ученици од основните училишта во градот, средното општинско училиште, детската градинка „Детелинка“, штитениците од Дневниот центар, како и голем број граѓани од сите возрасти. Од страна на организаторот беа доделени и благодарници за сите групни изработки на декорации со велигденски мотиви, како и на соработниците и реализаторите на овогодинешната велигденска манифестација.

Големина на фонт
Контраст