Основците од Еразмус + програмата во посета на Општина Крива Паланка

Учениците и наставниците од пет основни училишта од Словачка, Турција, Полска, Хрватска, како и ученици и наставниците од ООУ„ Јоаким Крчовски”, кои се партнери во заедничкиот проект „Нови начини на учење” од Еразмус плус програмата, денеска беа во посета кај градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Градоначалникот Митовски на присутните им посака топло и срдечно добредојде и воедно ја претстави општината и разговараа за идните планови и активности во рамки на проектот.

-Задоволство ми е што вие во овие пет дена ќе придонесете учениците да се дружат и да разменуваат искуства и нови практики во наставата.

Ние како локална самоуправа сме насочени исто така кон младите, тие се во фокусот на нашата работа и се радувам што училиштата и професорите со нивните проекти придонесуваат за развојот на младите, особено што оваа 2022 е прогласена за година на младите од страна на Европската комисија.

Образованието на младите и развојот на вештините се клучни за развојот и напредокот на општеството. А Еразмус програмата нуди многу можности за учење, споделување на Европската визија, запознавање луѓе и вклучување во активности низ цела Европа.

Но, благодарение на вашиот ангажман во нашите општества се развива европска младина која ќе придонесе за изградба на подобра иднина – позелена, поинклузивна и дигитална. Вие помагате за развој на силна младинска мрежа и за инспирирање на новите генерации европејци.

Посакувам да уживате во престојот и гостопримството на срдечните домаќини, имајте добра работа и поканете ги сите ваши познаници, пријатели и роднини, да бидат наши гости во кое било време и период од годината, изјави градоначалникот Сашко Митовски.

Носител на проектот е основното општинско училиште „Јоаким Крчовски” од Крива Паланка, а координатор е професорката по англиски јазик, Елена Митевска-Давидовска. Учениците и нивните ментори, во следните пет дена се во Крива Паланка, како дел од мобилноста на овој проект од Еразмус плус програмата на Европската унија.

-Следните денови учениците ќе посетат работилници за “Позитивно размислување” и позитивен пристап во учењето, а дополнително, ќе се запознаат и со културата и традицијата, како и знаменитости во градот, градскиот музеј и манастирот Св Јоаким Осоговски, информира професорката Елена Митевска-Давидовска, координатор на проектот.

Големина на фонт
Контраст