Градоначалникот на Крива Паланка во официјална посета на Лесковац, Република Србија

Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, оствари официјална работна посета на Град Лесковац, Република Србија, кадешто заедно со претседателката на Советот на општината и делегација од локалната самоуправа, беа на прием во кабинетот на градоначалникот на градот на ветерниците, Горан Цветановиќ.

Посетата на Лесковац е дводневна и се базира на остварената соработка во рамки на проектот “Да ги поврземе бисерите” што овие две општини го реализираат преку ИПА програмата на Европската унија за прекугранична соработка помеѓу Србија и Република Северна Македонија.

Официјалната делегација беше примена од страна на заменичката на градоначалникот Цветановиќ, Лидија Димитријевиќ и раководителот на одделението за општествени дејности, Саша Младеновиќ.

Од службата за комуникација со јавност на Општина Крива Паланка информираат дека на состанокот се разговарало за деталите од проектот, туристичките потенцијали на дватa града, а договорено е и отпочнување на постапка за збратимување на градовите.

Во текот на вчерашниот и денешниот ден се одржа и работилница од проектот насловена “Смарт и интегрирано планирање на туризмот и заедничка туристичка понуда” на која се работеше на утврдување на туристичките потенцијали во Лесковац и Крива Паланка кои ќе бидат опфатени со е-туризам апликацијата што ќе се изготвува во претстојниот период.

Проектот „Да ги поврземе бисерите го реализираат општините Лесковац и Крива Паланка во партнерство со Центарот за развој на Пчињско-јабланичкиот регион и со поддршка од ИПА 2 програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Србија.

Проектот „Да ги поврземе бисерите” предвидува и изградба на пешачка патека кон Станечки водопади и Калин Камен во општина Крива Паланка, како и уредување на кањонот Вучјанка во општина Лесковац, а ќе се реализираат и повеќе други активности со цел да се зголемат можностите за поквалитетна туристичка понуда, искористенотс и капитализација на природното, културно и историско богатство во пограничниот регион.

Големина на фонт
Контраст