Отворена прва сензорна соба во Крива Паланка во рамки на  проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“

Во Основното општинско училиште „Илинден“ Крива Паланка денес беше пуштена во употреба сензорна соба со бројни реквизити и стимулативни алатки  за учениците со образовни потешкотии.Сензорната соба е
отворена во рамки на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ финансиран од Европската Унија што  го спроведува Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ заедно со своите партнери: Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“, во соработка со Министерството за образование и наука.

-Со отворање на осмата сензорна соба го одбележуваме 20 февруари, Денот на социјалната правда. Фондацијата „Чекор по чекор“ повеќе од 25 години реализира активности и придонесува кон создавање на еднакви можности за остварување на социјалните права, и развива и спроведува програми кои го унапредуваат образованието со цел секое дете да има пристап до квалитетно образование. И во следниот период со проектот „Биди ИН, биди инклузивен, биди инклудиран“ ќе продолжиме со активности кои се однесуваат на унапредување на образованието и на неговата инклузивност и пристапност, изјави Сузана Киранџиска, извршна директорка на фондацијата „Чекор по чекор“.

Сензорна соба во основното училиште ООУ „Илинден“ во кое се образуваат 604 ученици е од огромна важност за Општина Крива Паланка, бидејќи е прва сензорна соба во образовна институција и воопшто во градот.

-Целосното вклучување на децата со попреченост во редовниот училишен систем не е лесна задача, но ние како локална самоуправа имаме цел да создадеме услови за еднаков квалитет и пристапност на децата во образовниот систем. Со огромно задоволство ја ставаме во употреба сензорната соба, која ќе ги прошири
можностите за работа и за создавање креативни активности за децата со попреченост, а со тоа ја зголемуваме понудата на активности во создавањето на инклузивна општина која ќе понуди еднакви можности за развој на сите нејзини граѓани, рече градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски.

Митвски посочи дека со овој проект многу дечиња од општината ќе имаат бенефит и нови можности за развој во рамки на редовниот воспитно-образовен процес и дека Општина Крива Паланка постојано работи на изнаоѓање начини за инклузија на децата со попреченост и во иднина ќе работи на тоа Крива Паланка да биде инклузивна општина.

-Нашето училиште е најголемо и тоа е матично на три други подрачни училишта. Постоењето на сензорната соба е можност за стимулација на учениците со попреченост во заштитена и контролирана средина, во која преку индивидуална работа ќе се овозможи нивно активно вклучување во воспитниот и едукативниот процес. Со добивањето на вака соодветно опремениот простор, мотивацијата кај стручниот тим е поголема и нѐ поттикнува постојано да ги развиваме нашите капацитети како образовна институција, и кадровски и технички, во која сите деца ќе имаат еднакви можности за раст и развој, изјави Марица Николовска, директорка на ООУ „Илинден“, Крива Паланка.

Со проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ се овозможува поддршка на целосната вклученост на учениците со попреченост во редовните образовни текови . Со проектот “Цело е кога има се” изминатите неколку години беа ангажирани образовни асистенти за деца со попреченост од програмата „Oпштинско корисна работа за 2019 година“, од УНДП -Програма за развој при ОН, Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување, а Општина Крива Паланка кофинансираше средства за реализација на проектот. Образовните асистенти беа вклучени во основните училишта „Илинден“ и „Јоаким Крчовски“ за деца со пречки во развојот кои се дел од редовниот процес на образование и еден ученик во средното општинско училиште Ѓорче Петров.

Соработката на Крива Паланка фондација, “Чекор по чекор” е долгогодишна, успешна и во континуитет се одржува. Изминатите две години општината е дел од овој проект “Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран” и дечиња со попреченост кои се вклучени во редовниот процес на образование од прво, второ и трето одделение од Крива Паланка се стипендисти и по десет месеци во годината примаат стипендии во висина од 50 евра.

Инаку, ООУ „Илинден“  работи на инклузија на сите категории, покрај овој проект, неодамна финишираше проектот „Редовно на часови: акција за вклучување на Ромите во основното образование“ имплементиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија во партнерство со Фондацијата за образовни и културни иницијативи Чекор по чекор и Здружението Центар за образовна поддршка Дендо вас, финансиран од Европската Унија.

Големина на фонт
Контраст