Награда за значајни постигнувања во музичката педагогија за проф. Лариса Жулина-Митовски од Крива Паланка

Здружението на музички и балетски педагози ја награди професорката по музичко образование Лариса Жулина-Митовски ООУ „Јоаким Крчовски“-Крива Паланка за нејзината  повеќегодишна успешна работа во областа на музичката педагогија.

Станува збор за награди за истакнати музички педагози, со минимум 15 години работно искуство, што веќе традиционално ги доделува ова здружение. Наградата за  проф. Жулина Митовски  доаѓа заслужено по многубројни републички и меѓународни награди и признанија во нејзината работа со учениците.

„Со нејзините ученици има освоено многу награди на државни и меѓународни натпревари, учествувала на повеќе семинари во својство на учесник и тоа од областа на образованието. Била член на жири комисија на повеќе натпревари, музички фестивали и конкурси. Доделувањето на наградите беше придружено и со свечен концерт. Овие награди се доделуваат од 2004 година“, велат од Здружението на музички и балетски педагози.

Професорката Жулина Митовски е горда на уште едно признание што ги добива за својата долгогодишна работа  и успесите што ги постигнува со своите ученици.

„Оваа награда ми е меѓу најдрагите во мојата долгогодишна педагошка работа и ми претставува мотив за уште поголемо вложување во оваа благородна професија. За мене успесите на учениците се најголемо достигнување  и потврда дека заедничкиот труд е единствениот напредок во образованието и едукацијата на младите“, вели Лариса Жулина – Митовски.

 

 

Големина на фонт
Контраст